Најкорисниот додаток за Firefox
Сите искусни програмери знаат дека „измислувањето топла вода“ е веројатно најнепродуктивниот начин за трошење на време. Тоа е и главната причина зошто скоро сите од нив поминуваат поголем дел од нивното работно време во потрага по парчиња на код, упатства и на друг начин корисни информации за решавање на софтверските проблеми. Понекогаш го пронаоѓаат тоа што им е потребно, но најчесто сретнуваат информации кои не им се корисни во дадениот момент, но затоа вредат да се зачуваат за некое идно време кога тој даден алгоритам може да им затреба.
Со толку многу информации на дофат на нивните прсти, секогаш се појавува проблемот за зачувување и правилно каталогизирање на истите. Дали треба да ги преземат податоците локално и да пробаат да ги организираат самите? Или можеби е попаметно да користат online сервис како што е del.icio.us, кој што и јас до сега го користев, па да ги зачувуваат само врските до избраните информации?
За среќа на пазарот се појави одличен софтвер и што е подобро, се појави во вид на надоградба за Firefox! Се вика „Zotero“ (http://www.zotero.org). Во времето на пишување на овој текст, Zotero беше во верзија 1.5 бета. А ова е тоа што неговите развивачи го изјавуваат за нивната програма:
Zotero [zoh-TAIR-oh] е бесплатна, лесна-за-користење Firefox надоградба која ќе ви помогне да собирате, управувате и да ги цитирате вашите истражувачки извори. Таа живее таму каде што и ја вршите вашата работа - во самиот веб прелистувач.
Слоганот на компанијата е: „Управувањето со цитати е само почетокот“. И да, навистина е само почетокот. Иако примарната намена на Zotero е прибирањето, чувањето и каталогирањето на цитати од Интернет, а и примарната група што треба да го користи се студенти и професионалци кои вршат научни истражувања, сепак јас лично ја користам оваа надоградба за да ми го олесни секојдневниот програмерски живот.
Секогаш кога ќе налетам на информација (стран од веб презентација, PDF датотека, архива, видео упатство или било каков вид на документ) за која што сметам дека ќе ми биде од корист во иднина, јас едноставно кликнувам на копчето „Take snapshot of the current page“ и саканиот документ е веднаш симнат и зачуван во локалната SQLite база која овој софтвер ја користи.
Но, тоа не е се. Во оној момент кога ќе го преземе документот, Zotero го индексира и потоа истиот е спремен низ него да се пребарува по сите зборови. На страницата на Zotero тврдат дека дури и PDF датотеките комплетно се индексираат за пребарување по сите зборови. Но, доколку мислите дека видовте се, само почекајте за следното што доаѓа на ред. Следната опција е она што мене најмногу ми се допаѓа кај овој софтвер.
Да си замислиме дека сте пронашле упатство или пак електронска книга. Авторите на овие текстови најчесто го објавуваат и кодот кој е опишан во книгата така што го ставаат во една или повеќе архивски датотеки. Се што треба да се направи е да се кликне со десното копче од глушецот на некој од линковите до избраната датотека и да се избере „Save link as Zotero snapshot“ од појавувачкото мени.
Потоа, само отворете го Zotero прозорецот и врзете ја преземената датотека со некој од претходно симнатите веб страници. На тој начин, двата документи ќе останат меѓусебно врзани, а вашите податоци ќе бидат на само еден клик од вас, дури и кога немате интернет врска.
Уште една работа која вреди да се спомене е дека можете да креирате прибелешки користејќи го овој софтвер, а можете да бележите скоро се. Ова е особено корисна карактеристика кога сакате да маркирате или да искоментирате дел од некоја информација на веб страница која што сте ја пронашле, на истиот начин како што тоа го правите со лепење на лепливи забелешки во вашите книги кои ви помагаат во истражувањето.
Уште една возбудлива карактеристика која се планира за блиската иднина е развојот на синхронизација на податоците со Zotero серверот. Оваа карактеристика која сеуште не е достапна ќе ви овозможи да имате различни копии од Zotero поставени на различни локации и да бидете во можност да ги синхронизирате податоците меѓу нив. Во моментов постои опција за export/import на податоци ставена на ваше располагање, но зачувувањето и читањето на големи (кои стануваат се поголеми) купчиња на податоци на вашиот преносен USB, со тек на време знае да стане заморна процедура.
Се на се, ова е одлично парче софтвер кое што има уште подобра иднина пред себе. Доколку сте како мене и постојано сурфате и креирате библиотеки на собрани податоци, со цело срце ви го препорачувам Zotero. Ќе ви го олесни животот така што нема да дозволи релевантните информации да го напуштат вашиот прелистувач никогаш повеќе!
